Во сина боја за поддршка на лицата со аутизам.Светски ден на свесноста за аутизмот- 2ри Април
Светски ден за подигнување на свеста за лицата со аутизам е прогласен во 2008 година. Од тогаш па наваму се одбележува секој 2 април. Во знак на поддршка на лицата со аутистичен спектар на нарушување денес светот се бои во сино. Поради новонастанатата ситуација нашето училиште нема да го одбележи овој ден како минатата година, со активности заедно со учениците. Оваа година може да го одбележиме само на еден начин, а тоа е преку социјалните медиуми.
Околу 1% од светската популација се лица со аутистичен спектар на нарушување. Се претпоставува дека 7 милиони луѓе во Европска Унија и околу 15 до 20 000 лица во Република Северна Македонија имаат аутистичен спектар на нарушувања. Аутизмот претставува первазивно развојно нарушување кое се дефинира со постоење на ненормален или оштетен развој кој се манифестира пред третата година од животот со карактеристичен облик на патолошко функционирање во сите три области на социјалните интеракции, во комуникациите и со повторувачко однесување. Аутизмот како специфична состојба бара задолжителен континуиран, интензивен третман за подобрување на состојбата на децата. Потребно е вложување на средства за обука на наставниот кадар за работа со аутистични деца користејќи конкретни методи и техники за работа со истите со цел обезбедување пристапно, квалитетно инклузивно образование. Значајно место во рехабилитацијата и едукацијата на децата со аутистичен спектар на нарушување имаат специјалните едукатори и рехабилитатори кои би можеле да помогнат во давање насоки на наставници и родители. За постигнување на наставниот план програма потребно е тимска работа за изработка на квалитетен индивидуален образовен план. Најбитно за овие деца е раната детекција и едукација од најрана возраст, уште во градинка. Градинките треба да имаат на располагање тим составен од стручни лица кои непречено ќе си ја вршат својата работа и ќе помогнат во прифаќање на децата со аутистичен спектар на нарушување. Преминувањето во основно и средно образование значи потреба од едукација со современи методи и техники, стратегии за работа со овие деца, како и примена на асистивна технологија во оделенска и предметна настава. Наставникот во училницата треба да овозможи пријатна атмосфера за работа на сите ученици. Иако овие деца познато е дека имаат проблем во социјалната интеракција и комуникација сепак тоа не значи дека не можат да ве разберат. Секое социјално однесување треба да се претстави визуелно, да се раздвои на мали делови со цел да се разбере и постепено да се научи. Сите заедно да дадеме поддршка и потик на секое дете со аутизам да стане самостоен граѓани во општеството.
Кога ќе излеземе од карантин, ќе завршат секојдневните рестрикции и се' ќе почне да функционира нормално. Ќе се отворат школите, градинките, средните училишта и факултетите. Сите ќе почнеме да функционираме како порано. Среќни насмеани заедно со нашите пријатели, роднини и колеги. Тогаш е најбитно да не ги заборавиме лицата кои што аутизмот цел живот ги држи во сопствена изолација! (е-училница)
Специјален едукатор и рехабилитатор – Бернанда Мустафоска