world down syndrome day card invitation event campaign vector illustration

Минатата учебна година заедно со учениците одржавме работилница на која тие имаа можност да се запознаат со поимот “Даунов Синдром”. Оваа година преку овој пишан текст ќе се потрудам да им дадам насоки и објаснувања на родителите и наставниците. Од досегашното искуство увидов дека многу од нас милуваат да кажат дека знаат што е тоа Даунов синдром. Меѓутоа, доколку сакаме да им помогнеме на овие лица треба убаво да се запознаеме со карактеристиките на овој синдром. Во неколку редови подолу ќе се потрудам да објаснам што е всушност Даунов синдром и како тој функционира.
Во однос на инклузивното образование како појдовна точка и битен елемент за адаптирање би го опишала:
Социјаниот и емоционалниот развој.
Важно е да се знае дека социјалниот развој на децата со Даун Синдром се движи две – три години пред менталниот развој. Општо гледано, децата со Даун Синдром се весели, пријателски настроени, друштвени и активни. Пријатната природа на овие деца, топлата насмевка и испружените раце во раната возраст, го пленат вниманието на средината која најчесто им возвраќа со нежност. Чести се промените на расположението, па во некои ситуации непримерно се однесуваат, се мрштат, срамат и лутат, за да желни за пофалба и внимание, веќе следниот момент се смеат. Изливот на емоции (радост, воодушевување, страв, лутење, љубомора, тага) чести се и бурни, но исто така краткотрајни и површни.
Често пати тврдоглавоста, инаетоста се одлики на децата со Даун Синдром кои на нивните родители и околината им создаваат најмногу проблеми. Скоро во текот на целиот свој животен век можат да бидат крајно непопустливи и упорни , да истраат „на своја рака“. Начините и реакциите со кои ги избегнуваат наметнатите обврски, го одразуваат здравиот детски смисол за хумор и шега. Тие уживаат во широкото семејно опкружување, особено во игрите со децата. Од рана возраст САКААТ ДА ИМИТИРААТ (мимика), гестови и едноставни активности со лицето кое се грижи за нив, што дава можност да се научат на убаво однесување. Понекогаш се себични, ретко кога агресивни. Ако се вклучуваат во караница, тоа е поради причината што тешко ја контролираат својата импулсивност.
ПОЗНАВАЊА ЗА НАСТАВНИЦИТЕ КОИ СЕ ОД ГОЛЕМ ПРИДОНЕС ВО УЧЕЊЕТО:
Децата со Даун Синдром не можат во доволна мера да ја искористуваат својата средина за учење бидејќи не се толку мотивирани и послабо го развиваат очниот контакт, затоа што нивното време за реакција е подолго па и преносот во мозокот е забавен и отежнат. Поради тоа е потребно средината да се прилагоди на нив за да им се даде поголем поттик и информации, што во најраната возраст влијае на поактивен развој на мозокот и има повеќенаменска долготрајна корист.
Поттикнувачка средина значи повеќе информации кои влијаат на развојот на мозокот, па поради тоа мозокот почнува и поинаку да функционира:
⦁ Детето е помалку пасивно;
⦁ Подобро ја искористува својата средина;
⦁ Го подобрува очниот контакт, подолго време ги набљудува предметите и лицата;
⦁ Се подобрува комуникацијата;
⦁ Подобро се развива концентрацијата, вниманието и мислењето;
⦁ Детето е поактивно и поуспешно;
⦁ Детето подобро реагира на дразби;
⦁ Побрзо се пренесуваат информациите;
⦁ Подобро се развива на сите подрачја;
⦁ Родителите се повеќе мотивирани бидејќи добиваат повеќе одговори и реакции од детето;
⦁ Децата добиваат повеќе сетилни и моторички искуства кои се меморираат;
⦁ Се спречуваат или се намалуваат дополнителни потешкотии.
Потребна е посебна образовна програма ИОП која се изработува во консултација со специјален едукатор и рехабилитатор. За да покаже ученикот успех потребно е континуирана работа со точни насоки и методи, а пред се потребно е наставникот добро да го мотивира ученикот.
За напредок потребна е заедничка соработка од страна на Родителот.
Сите деца учат. И децата со Даун синдром учат, но побавно и зато им е потребно повеќе пати да им се повтори одредена стимулација. Децата со Даун Синдром потребно е да се учат на истите вештини како и сите други деца – оние кои им помагаат да си играат, учествуваат во интеракција, стануваат посамостојни и составен дел од општеството. Првите години од животот се одлучувачки за учење.
⦁ Учењето треба да започне оној момент кога ќе се утврди потешкотијата.
⦁ Родителите се важни учители на своето дете.
⦁ Секое дете е поинакво и секое семејство е поинакво.
⦁ Успешната програма ги почитува потребите на детето и средината.
⦁ Внимателно одбрани постапки на оценување и подучување поттикнуваат подобро учење.
⦁ Ги развиваме детските можности и спобности и ги спречуваме дополнителните потешкотии.
Позитивен однос помеѓу детето и родителите и останатите членови на семејството.Темелното учење на помал број на вештини помага повеќе отколку површното и засилено учење на поголем број на вештини. Понекогаш може да се запрашате дали вие како родител можете да му бидете учител на своето дете. Колку време ќе посветите на подучување на вашето дете зависи од неговата возраст, од тоа дали е на почеток во вклучување на програмата или е веќе подолго време вклучено во истата. Ќе разберете дека големиот број на вештини и задачи вие и онака веќе ги работите во некој временски период во денот, па потребно ви е само да го смените пристапот. Во програмата секако треба да биде вклучено целото семејство. Исклучително важно е двајцата родители да ги извршуваат задачите , бидејќи на детето и мајката и таткото му се подеднакво важни модели на учење во животот. Можете да ги вклучите бабите и дедовците, дадилки, воспитувачки во градинка или било која личност од вашата средина која е подготвена да ви помогне, а и да помине некое време со вашето дете.
Целта на родителот и наставникот е успехот на ученикот!
Секое дете е поинакво и различно. Ако детето е успешно, тогаш знаеме дека сме на вистинскиот пат. Успехот ја зголемува самодовербата, ја развива позитивната слика за себе и задачите сами по себе стануваат награда.
(е-училница)

Бернанда Мустафовска – специјален едукатор и рехабилитатор