Синот на Беличица – Живко Брајковски е роден на 4 септември 1917 година во најживописниот – Мавровскиот регион, историското село Беличица. Македонски првоборец, учесник во НОВ, политичар и општественик.

Како припадник на НОВ учествувал од 1941 и заземал раководни должности во партиската организација и воените едници.

Неговиот живот бил исполнет со низа активности со крупни и примерни залагања на општественик и раководител. За неговата неуморна работа е одликуван со повеќе вредни одликувања, меѓу кои: Орденот „Братство-единство“ од I ред, орденот „Заслуги за народ“ од II ред и со „Орден за храброст“. Носител е на „Партизанска споменица 1941“.

По ослободувањето постојано се наоѓал на низа раководни должности во СК и во органите на власта. Бил инструктор и член на на КПМ во Скопје, секретар на Градскиот комитет. Бил член на КПЈ (од 1942), борец на Мавровскиот НОПО (од 1943) и член на реонскиот комитет на КПЈ во Маврово, а од септември секретар на околискиот комитет на КПМ за Мавровско (1943-1945). Во органите на власта заземал одговорни функции, меѓу кои и министер за градежништво на НРМ.

Во негова чест во скопската населба Бутел е именувано основно училиште. Неговиот живот ненадејно згаснал на 20 август 1963 година непосредно по големиот земјотрес во Скопје. По земјотресот бил целосно ангажиран за обновување и изградба на ранетото Скопје.